„Стоп за тортурата, слобода за Љубе Бошкоски, веднаш“, е мото на настанот најавен на Фејсбук, со кој партијата Обединети за Македонија, ги повикува сите граѓан(к)и, членови на политички партии, активисти…, да се приклучат на утрешниот протест што ќе се одржи во 12 часот, пред Министерството за правда, Партијата неколку пати досега побара од Живко Пејковски, директорот на затворот Идризово, да го ослободи Бошкоски од затвор три месеци порано, можност која, според законот, му следува на секој осуденик.
„Протестот ќе биде со возила, кои во 10 минути до 12 часот од Јужниот булевар (зад ‘Рамстор’) ќе тргнат кон Министерството за правда. Сите оние кои се без возила ги очекуваме да ни се придружат пред Министерството во 12 часот. Последен повик до директорот на затворот Живко Пејковски, да не биде соучесник во тортурата врз Љубе Бошкоски“, стои во соопштението на ОМ.
“Преку утрешниот протест сакаме да упатиме јасна порака до директорот на затворот Пејковски, да го ослободи нашиот лидер Бошкоски, бидејќи клучот е кај него. Треба да се охрабри директорот на затворот за да не подлегне на притисоците што му ги прави владејачката гарнитура. Доколку и утре не ги слушне нашите пораки, веќе од понеделник ќе ги радикализираме нашите активности, со тоа што ќе го блокираме работењето на неколку државни институции и слични потези, кои ќе ги соопштиме в понеделник, ако не се ислушаат нашите барања“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Марјан Огњановски, потпретседателот на Обединети за Македонија.