ЦИВИЛ – Центар за слобода организираше јавната дискусија на тема: “Плурализмот и политичката криза” на која учествуваа претставници на дваесеттина партии, а јавната дискусија пробуди интерес и кај бројни медиуми. Присутни беа и претставници на дипломатскиот кор – од словенечката, хрватската, италијанската, бугарската и холандската амбасада, како и од ОБСЕ и од ОДИХР.
Претставникот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, го отвори настанот и го претстави соопштението на ЦИВИЛ, во контекст на политичката криза во државата.
Лилјана Поповска од ДОМ, ја посочи несериозноста на институциите во последниот период. “Тука мислам на ДИК, за која не знаеме дали листата на гласачи кој е доставена на проверка, е истата листа по која се гласаше на последните избори. Избирачкиот список не е прочистен, граѓаните не му веруваат на тој список, тоа значи дека услови за избори – нема. Предлогот на ДОМ е дека треба да се премести датумот предвиден за избори”.
“За мене клучни се реформите на Прибе, од тоа, досега ништо не видовме. Наместо да се менуваат министрите, како што тоа го прави ДУИ, најдобро е да се променат лидерите на партиите, ако сакаме демократизација на партиите, внатре. Како партија, побаравме од ДИК да соопшти дали списокот на гласачи е прочистен. Очекуваме реформи, и поддршка од граѓаните за СЈО, бидејќи поддршката од партиите не е реална”, смета Павле Трајанов од ДС.
Горан Мисовски од НСДП: “Трагично е ние денеска, во 21 век, да дебатираме за правото на слободни избори. Ние, како пратеници, треба да одиме на собраниска седница, а не знаеме дали Собранието ќе се распушти во среда. Тоа е трагично, а заслужна за тоа е партијата на власт. Преку владините пропаганди се влијае врз гласачите. ‘Сваровски – судството’ и понатаму функционира. Тоа е јасно со одлуката на Уставниот суд”.
“Премногу е доцна сега да се вклучат малите партии, тие требаше да бидат вклучени во Договорот од Пржино. Попис немаме, слободни медиуми немаме, прочистен Избирачки список немаме, одвојување на партијата од државата немаме… Одлагањето на изборите нема да помогне да се постигнат фер и демократски избори. Тоталитарната Влада не може да очекуваме да направи швајцарски избори. Треба да се направат специјални оделенија кои ќе ја решат оваа политичка криза”, истакна во своето обраќање Горан Милевски од ЛДП.
“‘Од турското мало ќе ги влечеме за уши’, со оваа изјава сфативме колку вредиме ние за оваа власт. Во овој момент, никој не знае што ќе се случи во Македонија. Сите сме ние виновни за таа работа. Македонија нема иднина со национални партии, иднината е во идеолошките партии”, забележa Аднан Ќахил од ПДТМ.
Влера Ејупи од ДПА (LRPDSH): “Ниту одблиску нема услови да се одржат избoри. Проблемот е во внесувањето на стравот и хаосот. Данте Алигери би бил љубоморен што не живее во наше време. Би можел да создаде ремек дела од хаосот. Влезени сме во невиден лавиринт на ужасот, и никако не одиме напред. Сите патишта ни се блокирани.”
“ВМРО-ДПМНЕ фалсификува и лажира избори неколку изборни циклуси по ред. Медиумите помагаат во тој процес… Сметам дека сe уште не се исполнети услови за фер и демократски избори, но не би сакала да се одложат и ВМРО-ДПМНЕ деструктивно да владее”, заклучи Билјана Јовановска ПЕП 21.
Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Турците – ДНЕТ: “Му благодарам на ЦИВИЛ, што еве, за првпат, не вклучи и нас Турците во оваа дебата. Македонија се однесува како држава само на Македонците и Албанците, а не е така. Потполно се согласувам со соопштението на ЦИВИЛ. Ништо не е променето од денот кога се одлучи изборите да бидат на 5-ти јуни. Наша цел е да владее правото, да се деполитизираат институциите и Македонија да биде правна држава. ДИК ме разочара затоа што не покажа дека има капацитет за кратко време да успее да го прочисти Избирачкиот список.”
Јанко Бачев од НДМ: “Злоупотребите треба да се бараат на друго место. Гласачите од Пустец не се спорни, затоа што тие имаат македонско државјанство и се дел од Избирачкиот список и имаат право на глас. Најавата од Груевски и Заев дека сакаат слободни медиуми е лицемерна затоа што и двајцата си ја сакаат демократијата само за себе”.
Никола Бабовски од Демократскиот сојуз на Власите: “ДИК да излезе и да каже што во моментов се случува со Избирачкиот список. Помалите партии пристап до медиумите имаат нула, а и ние сме даночни обврзници и барем од јавниот сервис треба да имаме еднаков третман. Во техничката влада, премиерот треба да доаѓа од граѓанскиот сектор, само така може да има промени.”
Самка Ибраимовски ПЦЕР: “Во хаос не може да има избори. Мислев дека последната одлука на ДУИ да излезе од Владата, покажува одговорност и свесност на партијата, но сега е јасно дека се работи за игра, и враќање на довербата кај своето членство, со именување на нови непознати кадри”.
“Малите партии кои се поврзани со четирите политички партии, во тие коалиции имаат најдено тврдина која ги заштитува, и крајно време е да се запрашаат колкава е нивната улога во политичката криза. Во коалициите тие го губат својот идентитет и идеологија”, смета Ламбе Арнаудов од ВМРО-НП.
Бејтула Демири од Движењето „Беса“: „Македонската држава има чотреба од редефинирање… Скопје е местото каде што се одвиваат политичите настани, сешто е надвор од Скопје, нема перспектива“
“Не може да имаме избори на 5-ти јуни се додека не се решат круцијалните проблеми, а тоа е Избирачкиот список. Малите партии не беа дел од Договорот на Пржино… Се се остави само на четирите големи партии”, смета Весел Мемеди од НДП (RDK).
Фатон Алити од ПДП: “Никако не можеме да зборуваме за минимални услови за избори. Потребен е Закон за медиуми, но тој закон нема како со магично стапче да го реши тој проблем. Треба свест и кај новинарите, уредниците… Тука е и Извештајот на Прибе кој воопшто не е имплементиран. Ако направиме збир на се ова, доаѓаме до заклучок дека за времето кое е останато нема да се создадат услови за избори на 5-ти јуни. Предлогот за експертска Влада е добар, но таа влада не може предолго да владее, затоа што ни следуваат и локални избори.”
“Следните избори или ќе ја вратат демократијата или ќе бидат вовед во диктатура во Македонија. Левица одбива да учествува на избори кои ќе доведат до диктатура. Процесот од Пржино нуди само лимитиран процес за враќање на демократијата. Голем дел од процесите договорени во Пржино не се ни започнати. Потребна е експертска влада која ќе обезбеди услови за демократски избори. Медиумите кои не се сметаат себеси дека се под капата на власта, тие треба да се пример и да покажат дека се посветени во овој важен момент за демократијата во Македонија”, посочи Здравко Савески од Левица.
“Груевски парадира како Господ, министрите му реферираат како средношколци со купени дипломи, а и за жал, такви се и повеќето министри во таа Влада. Тоа значи дека одвојувањето на партијата од државата, како услов за фер и демократски избори, не е исполнет. Треба да им дозволиме на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ да покажат колку се јаки и да излезат сами на избори. Не сум за избори во јуни, најрано во март следната година“, заклучи Сафет Бишевац од Иницијатива за формирање на нова бошњачка партија.
Настанот беше организиран во рамки на проектот Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.