Граѓанскиот новинар и соработник на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Јане Мамучевски, кој како сопственик на порталот „Малешевски весник“, редовно ја следи работата на Советот на Општина Берово, не извести дека на последната вонредна седница на Советот, му било скратено правото да присуствува.
Според Мамучевски, причината за опструкциите на правото на информирање и на присуство на седницата која е од отворен карактер, е неговиот критички став кон локалните власти. За темата која е од интерес за беровчани – дека поради купиштата неисчистен смет,.Берово наместо на туристички град, наликува на дива депонија, Мамучески пишувал на својот портал “Малешевски весник”, и претходниот ден.
„Денеска се случи невидена дискриминација од градоначалникот на Берово, Драги Наџински. Срамно. Покрај официјалната покана на претседателот на Советот на Општина Берово да присуствувам на вонредната седница, на која како единствена точка беше состојбата на комуналното претпријатие ЈКПР „Услуга“, чии вработени веќе трети ден штрајкуваат, јас бев исфрлен”, напиша Мамучевски во информацијата испратена до ЦИВИЛ Медиа.
“Пред да влезам на седницата на Советот, бев запрен од обезбедувањето кое ми побара акредитација. На тоа им одговорив дека седницата е јавна и може секој граѓанин да учествува, но сепак, им ја дадов својата акредитација. Во тој момент, претседателот на Советот, им кажа на обезбедувањето дека можам да присуствувам, но и покрај тоа, вработениот не сакаше да ме пушти и по мобилен го побара градоначалникот Наџински. На телефонскиот повик градоначалникот нервозно одговори дека ‘за мене ова институција е забранета’. Според мене“, пишува Мамучевски, „ова претставува еден вид дискриминација, односно, попречување на слободата на информирање. Фасциниран сум од злобата и арогантноста на градоначалникот кон лице кое само ги извршува професионалните новинарски стандарди. Вака ли ќе се бориме за регулација на медиумите?“, се прашува Мамучевски во информацијата за настанот во Берово.
Оваа содржина се објавува во рамките на третиот круг од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.