На онлајн анкетата „ДИК и Избирачкиот список“, која ЦИВИЛ – Центар за слобода ја спроведе во периодот од 23 март до 31 март, на првото прашање „Дали сметате дека Избирачкиот список е регуларен?“ – 91,53% од анкетираните граѓанки и граѓани сметаат дека Избирачкиот список не е регуларен. Сепак, 86,30% од нив веруваат дека објавувањето на Избирачкиот список на јавен увид е позитивен чекор на ДИК.
Онлајн анкетата беше спроведена во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, а од добиените резултати се детeктира ставот на граѓан(к)ите за неправилностите во Избирачкиот список и дали е доволно времето за прочистување на списокот до 5 јуни.
Во анкетата учествуваа 816 испитаници.
Сите анкетирани имаа можност да одговараат на 8 прашања поврзани со работата на ДИК и со нерегуларностите поврзани со Избирачкиот список.
На прашањето „Дали и сами сте увиделе неправилности во Избирачкиот список“, 75,65% од анкетираните одговориле позитивно, а дури 91,75% од испитаниците одговориле негативно на прашањето кое се однесува на одлуката на ДИК за повлекување на апликацијата за пријавување на нерегуларности во Избирачкиот список.
Може да се заклучи дека оттаму произлегува сомнежот на 76,90% од анкетираните за можноста Избирачкиот список да биде прочистен за одржување на веродостојни избори на 5 јуни.
Сепак, на прашањето „Како ја оценувате досегашната работата на ДИК“, од вкупниот број на анкетирани, 0,12% е разликата меѓу оние кои се сé уште воздржани, односно, не можат да ја оценат работата на ДИК ниту позитивно, ниту негативно (33,99%) и оние кои дале негативна оценка на работата на ДИК (34,11%).
Дури 89,63% од испитаниците веруваат дека работата на ДИК се опструира, а високи 91,98% веруваат дека опструирањето на нивната работа доаѓа од власта.
Во претходната онлајн анкета „Договорот од Пржино и изборите“ која ЦИВИЛ ја спроведе во период од 22 февруари до 1 март, најголем процент од испитаниците сметаа дека работата на Специјалното јавно обвинителство е попречувана.
Проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ е финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Биљана Јордановска