Јавната дискусија „Плурализмот и политилката криза“, на која како говорници се присутни дваесетина лидери и високи претставници на политички партии кои не беа дел од преговорите за надминување на политичката криза во Република Македонија, со воведно обраќање ја отвори Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода:
[youtube width=”600″ height=”400″]https://www.youtube.com/watch?v=DUQ_lJTzIaE[/youtube]
„Не се создадени услови за одржување слободни избори на 5 јуни 2016 година. Ова е заклучокот на ЦИВИЛ – Центар за слобода чии мониторинг тимови и експертскиот тим во континуитет ги набљудуваат и анализираат состојбите во земјата веќе 15 месеци, поточно, од јануари 2015 година. Во изминатите 30 дена, по претходното одложување на терминот за избори, партиите на власт не само што не манифестираа политичка волја и не презедоа активности за да го спроведат политичкиот договор, туку дополнително вложија енергија и јавни ресурси за да го осуетат неговото спроведување.
Преговорите се крајно отежнати поради континуираните опструкции на партиите на власт и речиси потполната блокада на институциите кои се наоѓаат под партиски диктат.
Највидливата последица од неуспехот на политичкиот договор се медиумите кои останаа под контрола на партиите на власт. Државата не се одвои од партијата, а партиите на власт продолжија со злоупотребите, политичката корупција, кршењето на човековите права и слободи, политичката дискриминација и структурното насилство. Државната изборна комисија не успеа да се издигне над партиските интереси, наспроти напорите на независните експерти во нејзиниот состав. Тоа доведе до доцнење со роковите и до неквалитетен процес на прочистување на Избирачкиот список. Дополнително, според извори на ЦИВИЛ, Министерството за правда, како и Министерството за внатрешни работи, не доставија навремено податоци неопходни за чистење на Избирачкиот список, поради опструкциите, притисоците и хаосот кој владее во институциите на системот.
Прочистувањето на Избирачкиот список, наместо да ја зајакне довербата на граѓанките и граѓаните во него и во изборниот процес воопшто, успеа само да ги продлабочи сомнежите. Наспроти почетниот позитивен импулс со кој ДИК овозможи јавна партиципација во целиот процес, сите наредни фази имаа сомнителен исход. Почнувајќи од бројот на гласачи и категориите на гласачи за кои беше логично да бидат проверени, завршувајќи со самата теренска проверка, за која имаме неколку извештаи кои говорат дека не секаде била на задоволително ниво, можеме да заклучиме дека и овој обид за прочистување на Избирачкиот список – пропадна.
ЦИВИЛ ја истражува состојбата со списоците и активностите на партијата на власт во дијаспората и има индикации дека и во оваа сфера постојат низа злоупотреби на јавните и државните ресурси.
На теренот, продолжуваат партиските притисоци, закани и уцени врз гласачкото тело, пред сè, врз социјално ранливите категории на граѓанки и граѓани, како и врз вработените во администрацијата на локално и на национално ниво.
Во ЦИВИЛ се собраа стотици извештаи и изјави на граѓанки и граѓани кои сведочат и приложуваат докази за огромните злоупотреби на моќта на партиите на власт. Во образованието, партиските војници вршат притисок врз персоналот, но и врз децата, а преку нив и врз родителите. Во здравството, партиската припадност значи и можност за подобар третман, додека здравствениот персонал кој не е во милост на партиите на власт трпи секојдневни притисоци и дискриминација.
Продолжува рекетот во стопанството, според извештаите на ЦИВИЛ од теренот. Нашите анализи упатуваат на заклучокот дека дел од средствата кои се извлекуваат од стопанството во овој период се насочуваат и кон послушничките медиуми. Стопанските субјекти не смеат ни да помислат да спонзорираат некој независен или опозициски медиум, поради страв од инспекциските служби кои сè уште се користат како алатка за уцена и принуда.
Опструкцијата на работата на Специјалното јавно обвинителство е повеќе од очигледна и претставува уште еден доказ за тоа дека судството, вклучително и Уставниот суд, е под партиски диктат. Наспроти тоа, гледаме дека СЈО манифестира максимален професионализам и истрајност, што во јавноста влева надеж дека е можно да се зајакнат и изградат институции кои ќе го вратат владеењето на правото во Република Македонија.
Дури и најновата серија на „отчети“ на партијата на власт е своевидна илустрација за потполното отсуство на граница меѓу партијата и државата, односно уште еден доказ за тоа како една партија може да ги узурпира институциите и да ја зароби државата. Начинот на кој се полнат салите со публика за овие настани е добро познат. Административните работници под притисоци и закани за губење на работното место, социјалните случаи под закана дека ќе ја изгубат социјалната помош и низа други категории граѓанки и граѓани чија социјална положба се злоупотребува со години се публиката на овие настани. Од каде се парите да се плати сето тоа, останува дополнително да се истражи.
Партиите на власт не престанаа да се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста од сопствените злоупотреби и процесите во кои тие треба бидат земени на одговорност. Освен со медиумски манипулации, очигледна е заднината на „патриотските игри“, односно засилување на меѓуетничките тензии, како во случајот со двоглавиот орел во општина Чаир и поставувањето на камен темелникот во општина Бутел. За сега, обидите да се дивергира вниманието на јавноста и да се манипулира со етнички и верски теми остануваат неуспешни.
ЦИВИЛ – Центар за слобода бара одложување на терминот за предвремени парламентарни избори за крајот на септември, а во меѓувреме целата влада да поднесе оставка, поради неуспехот да го спроведе Договорот за надминување на политичката криза.
Одложувањето на терминот за избори мора да се искористи за низа итни чекори и мерки за создавање услови за слободни избори. Меѓу другото, потребни се дополнителни реформи на ДИК, односно нејзина професионализација. Понатаму, сѐ уште има простор за подобрување на Изборниот законик. Мора да се спроведе доследно чистење на Избирачкиот список. На Република Македонија ѝ се потребни итни и суштински зафати во судството, пред сè, во поглед на воспоставување и непречено функционирање на специјално одделение во Кривичниот суд кое ќе се занимава со предметите кои произлегуваат од работата на Специјалното јавно обвинителство. Воедно, мора да се создадат услови за ослободување на медиумите од партискиот диктат, но и администрацијата, стопанството и општеството во целост. Период од три месеци е прекраток за сето тоа да се спроведе, но доколку постои политичка волја, но и владеење на правото, можно е да се спроведат мерки кои ќе ги гарантираат тие процеси и ќе им влеат доверба на граѓанките и граѓаните.“